Интернет измамите зачестија, МВР бара внимателност
Ветувања за брза заработувачка, фишинг напади за злоупотреба на личните податоци. Расте бројот на интернет измами...

Врие од интернет измами во Македонија. Преку лажни СМС за пристигнати пратки од пошта, како и лажни фактури за уплата се мамат граѓаните да остават лични податоци кои потоа ќе бидат злоупотребени. За ваков вид на измами само годинава до Секторот за компјутерски криминал пристигнати се 43 пријави од измамени граѓани.
„Пораките обично изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори, како банки, државни институции, реномирани компании, но имаат за цел да ги измамат корисниците и да ги добијат нивните лични или финансиски податоци“, велат од МВР.
22 пријави има и за манипулации преку лажни телефонски повици, при што измамниците ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер со ветување дека ќе заработат од криптовалути, а потоа им ги празнат банкарските сметки. Измамниците се служат со фишинг напади, но одат дотаму што се креираат и лажни реклами со познати личности. Граѓаните свесни за ризиците, но не сите знаат како да се заштитат.
Надлежните советуваат, ваквите измами да се пријават во МВР и Агенцијата за заштита на личните податоци.
Надлежните со апел, никогаш да не се споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички или лозинки преку неовластени канали.
Борис Грујоски
