Продолжија ископувањата на локалитетот Раица-манастириште
Во текот на јули по единаесет годишна пауза продолжија ископувањата на ранохристијанската базилика на археолошкиот локалитет Раица-манастириште во Љубаништа. Базиликата во далечната илјада деветстотини седумдесет и втората година го откри познатиот археолог Владо Маленко. Се работи за монументален објект кој кога ќе се разоткрие ќе надополни уште една коцка во историскиот мозаик на Охрид. Средства за реализација на проектот издвои Министерството за култура и туризам...

Охрид во светот се нарекува и град-музеј со голем број археолошки локалитети, меѓутоа и неговата околина изобилува со вредно културно историско наследство, кое низ годините го откриваат археолозите.Меѓу нив спаѓа и локалитетот Раица -манастириште кај Љубаништа на кој летово се работи по пауза од една деценија.
„Се работи за базилика од ранохристијанскиот период, значи еден монументален објект којшто во поширок контекст е значаен можеби како дел од поголем комплекс на градби. Пронајдени се делови од мозаик со геометриски и флорални орнаменти, значи забележани се исто така фрески на самите ѕидови“, изјави Анатоли Арнаудоски, советник кустос завод и музеј Охрид.
Во текот на ископувањата во 2013-тата и 2014-тата година била забележана езерска песок во рамките на базиликата, што значи дека овој објект можеби бил поплавен во некој период од опстојувањето.
„Објектот е доста голем, некаде должина четириесет метри и дваесет и нешто метри во ширина. Бидејќи се работи за комплексен објект, ранохристијанска базилика која си има свои пропратни простории од повеќе страни, тие во иднина сите ќе треба да се истражат, па ќе видиме, тогаш ќе го видиме целосниот габарит на целиот објект“, изјави Драган Танески, виш кустос завод и музеј Охрид.
Интересно е тоа што во близина на базиликата се наоѓа римски објект што содржи терма и пропратни простории карактеристични за вила рустика.
По целосно разоткривање на овој археолошки локалитет се очекува тој да биде еден од најпосетуваните, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на манастирскиот комплекс свети наум, а покрај него води патот до автокампот Љубаништа каде што има голема фреквенција на туристи.
Сашо Нелоски
