војна

Светот во очекување на средбата меѓу американскиот и рускиот претседател на Алјаска

11.08.2025 11:11

Ќе има ли договор за крај на војната во Украина – светот во очекување на средбата меѓу американскиот и рускиот претседател на Алјаска. Откако европските лидери остро реагираа дека нема договор без присуство на украинската страна, од Вашингтон најавуваат дека во Алјаска е можно присуство и на украинскиот претседател Зеленски. На фронтот борбите не запираат...

Договорот за средба Трамп-Путин во Алјаска на 15 август е голем пробив во дипломатијата-велат од Вашингтон. Белата куќа не ја отфрла можноста и за трилатерална средба. Сепак за потпретседателот Венс, во овој момент не би било продуктивно Путин да седне на маса со Зеленски пред средбата со Трамп. Додава дека ниту Украина ниту Русија нема да бидат задоволни од резултатите од решението за војната, но веруваат дека преговорите вредат труд, дури и ако не успеат.

„Сега не би било продуктивно, основно е дека Трамп мора да биде тој што ќе ги спои двајцата. Во процес сме на договарање време кога овие тројца лидери би можеле да седнат и да разговараат за крај на конфликтот. Ќе се обидеме да најдеме некое преговарачко решение, но и Русите и Украинците веројатно на крајот на денот ќе бидат незадоволни од тоа“, изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.

Берлин тврди дека тесно соработува со Вашингтон за да обезбеди учество на Зеленски во преговорите. За европските сојузници важно е средбата да се одржи во трилатерален формат. Одлуки за Украина без Киев не можат да се носат, ниту пак, може да се прифатат дискусии и одлуки за територијалните прашања, без консултации со ЕУ и Украина.

„Се надеваме и претпоставуваме дека украинската влада, претседателот Зеленски, ќе биде дел од овој состанок. Се надеваме дека ќе има пробив (во мировните преговори) во петок“, изјави Фридрих Мерц, германски канцелар.

Путин мора да се обврзе да седне на маса со Зеленски-дециден шефот на НАТО.

„Убеден сум дека претседателот Трамп в петок сака да се осигура дека Путин е сериозен. Ако навистина е, тогаш тој ќе мора потоа да се обврзе да седне со Зеленски на маса, тој не може да го стори тоа преку претседателот Трамп“, изјави Марк Руте,  генерален секретар на НАТО.

Зеленски пак, категоричен – нема да прифати размена на територии како услов за мир. Тврди дека Москва не сака крај на конфликтот и дека се потребни нови санкции додека бројот на повредени во рускиот напад врз автобуската станица Запорожје расте.

„Рускиот напад врз Запорожје, како и врз други населени места во Украина, покажуваат дека Русија не презема никакви вистински чекори кон мирот. Затоа се потребни санкциите, потребен е притисок. Ни треба сила – пред сè, силата на САД, на Европа. Ако Русија не сака да ја запре војната, тогаш ние мора да ја запреме нејзината економија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Противење на потенцијална размена на територии меѓу Украина и Русија изразија и Нордиските и Балтички земји. Додека поддршката за Киев расте, на фронтот нападите продолжуваат.

 

Бојана Крстевски