Убиени петмина новинари на Ал Џезира во израелски напад во Газа
Двајца новинари и сниматели и еден возач, екипа на телевизијата Ал Џезира се убиени во израелски напад во Газа. Тел Авив тврди дека репортерот 28-годишниот Анас ал-Шариф не бил само новинар туку и водач на терористичка ќелија на Хамас. Активистите за човекови права велат дека Израел нема докази за нивното тврдење.

Убиени петмина медиумски работници од катарската телевизија Ал Џезира во Газа. Израелската армија призна дека извршила воздушен напад врз засолниште во комплекс болници каде што се криеле новинарите, но тврди дека меѓу загинатите имало и припадник на Хамас. Од Синдикатот на палестинските новинари обвинуваат дека тие се директен таргет на израелските одбранбени сили. Бараат Меѓународната заедница да ги заштити.
„Ова е нов масакр извршен од израелските окупатори врз палестинскиот печат. Тие ја таргетираа екипата на ал џезира заедно со група колеги новинари кои ја извршуваа својата професионална работа. Ова потврдува дека постои директно таргетирање. Зборуваме за над 230 новинари, мажи и жени, кои се убиени од почетокот на агресијата врз појасот газа. Бараме меѓународната заедница да обезбеди заштита за палестинските новинари“, изјави Ахед Фервана, секретар на Синдикатот на палестински новинари.
Додека израелскиот премиер Нетанјаху ја брани планираната воена офанзива во Газа тврдејќи дека тоа е најдобриот начин за брз крај на војната, од Обединетите нации предупредуваат дека неговиот план за целосна окупација на енклавата би предизвикал катастрофални последици. Во светската организација беше свикана итна седница на Советот за безбедност.
„Најновата одлука на владата на Израел ризикува да запали уште едно ужасно поглавје во конфликтот, со потенцијални последици надвор од Израел и од окупираната палестинска територија. Доколку овие планови се спроведат, тие веројатно ќе предизвикаат уште една катастрофа во газа која ќе одекне низ целиот регион и ќе предизвика понатамошни присилни раселувања, убиства и уништувања“, изјави Мирослав Јенча – помошник генерален секретар на ООН.
Но, расте притисокот врз Израел за ставање крај на војната во Газа. По Франција, Канада, Велика Британија, признавање на палестинска држава најави и Австралија, а во ист правец размислува и владата на Нов Зеланд.
„Решението со две држави е најголемата надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на блискиот исток и да стави крај на конфликтот, страдањето и гладот го газа“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.
„Нашата долгогодишна позиција е да ги признаеме Израел и Палестина, но мора сериозно да работиме на ова прашање за да донесеме правилна одлука. Тоа е комплексно прашање и тоа мора да го направиме правилно“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.
Претходно, австралиската влада остро ги критикуваше плановите на Нетанјхау за сеопфатна воена офанзива во енклавата.
Маја Стојанова
