Македонија

Високите температури ризик за храната

11.08.2025 15:00

Топлотниот бран кој повторно ја зафати државата, носи ризик и за храната. Стручните лица апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни за да се спречи труење со храна. Да се внимава на температурата, но и да се купуваат помали количини..

Високите температури носат ризик за брзо расипување на храна. Затоа и труењето е често, кога температурата е над 35 степени целзиусови. Бактериите се размножуваат исклучително бргу, па термичката обработка и зајакнатите хигиенски мерки на производите, се важни за да се намали ризикот. Покрај млечните производи, јајцата и рибата, месото е исто така многу чувствително. Граѓаните внимаваат но и укажуваат дека периодов конзумираат полесна храна.

„Храната не би требало да се изложува долго на топло време. Кога ќе се купи да се однесе веднаш да се стави во фрижидер, не препорачувам да се замрзнува многу место, ниту да се чува за следниот ден, а да не се стави во фрижидер. За јајцата исто е така, млечни производи веднаш да се употребат“, вели една кумановка.

„Во фрижидер и да се избегнуваат повеќе, има зеленчук повеќе да се јаде“, вели друг граѓанин.

„Имаме фрижидери добри кои работат и што и каде купувам мора да внимаваме на овие топли времиња, јадеме и месо, пилешко но повеќе лесна храна“, нагласи граѓанка.

„Може да купуваме помали количини“, дополни друга.

И од месераниците со укажување, најважно е да се запази температурата. Од моментот на излегување од фабриката, превозот, до продажбата, температурата е до два степени. Рокот на траење вообичаено е пет дена. Препораката е и да се набавуваат помали количини.

„Откако ќе се купи месо, нашите разладувачи се силни во домашни услови фрижидерите се послаби и е препорачливо што побргу да се спреми. Овие луѓе што купуваат, одат во странство, Грција на одмор треба да го замрзнат месото, да го стават во малите фрижидери и кога ќе стигнат веднаш да го стават на минус температура“, истакна Љубиша Денковиќ, месар Куманово.

Освен обработка, препораката е и темелно миење на овошјето и зеленчукот.

Стомачни болки, повраќање, дијареа, висока температури се најчестите симптоми на труење со храна. Лекарите периодов апелираат граѓаните да бидат внимателни.

Елена Георгиевска