Здравство

Повеќе од една година нема трансплантација на срце во земјава

11.08.2025 17:28

Стружанецот Васко Јолески пет години живее со механичка пумпа на срце и чека трансплантација. Во земјава досега не е извршена ниту една трансплантација кај пациенти со циркулаторна потпора, но повеќе од една година не е извршени трансплантација на срце воопшто. Пациентите бараат надлежните да се заложат и да дадат жанса за живот на 30 тината млади лица на листата на чекање...

Четириесетгодишниот Васко Јолески од Струга, пет години живее со механичка пумпа за поддршка на срце и чека трансплантација. Неговиот живот е потполно зависен од батерии и струја. Сонот е да добие нова шанса за живот.

Уште триесеттина лица во земјава ја делат истата судбина со него, најмладиот има само дваесеттина години, а најстариот 55 години.

„Сите наши секојдневни обврски ни се со намален капацитет, не може да се бањаме како што треба, дури и да се храниме не може како што треба, имаме ограничена исхрана, медикаментите се повеќе и повеќе се зголемуваат како што минуваат годините“, вели Васко Јолески претседател на НЗ „Храбро срце“.

Досега во земјава не е направена ниту една трансплантација кај лица со механичка пумпа, а повеќе од една година не е извршена трансплантација на срце воопшто.

„Иако ние сме најкритичните, оние коишто практично со пумпите само купуваме време за да може да дојдеме до оној момент за решение на нашиот проблем. Секојдневно се продлабочува проблемот“, вели Јолески.

Надлежните велат има стручен кадар, но нема доволно органодарители.

„Новиот национален координатор за трансплантација работи наполно да ги исполнам условите за членство во „Евротрансплант“ што би требало да олесни пристапот до органи. Не е проблем кадровскиот екипираност на македонското здравство“, вели Сашо Кленковски директор на Фонд за здравство.

Пред неколку денови имало донор на срце, но ниту еден од листата на пациенти не бил компатибилен, па шансата пропадна. Потребно е да расте свеста за органодарување, во моментот кога згаснува еден, да се спаси друг живот.

Соња Рилковска