Економија

Живот на вересија – граѓаните се жалат на високите цени, надлежните сè уште анализираат

11.08.2025 16:02

Живот на вересија – граѓаните се жалат на високите цени, надлежните сè уште анализираат. Власта уверува – се работи на трајно решение, а не на популистички мерки...

Килограм стана половина. Наместо разновидно овошје и зеленчук, се пазари само неопходното. Торбите за пазарење на граѓаните секој месец стануваат се полесни и помали, а сметките повисоки. Пред камерата велат дека се движат од маркет во маркет и трагаат по пониската цена на производите. Обиколките им станале секојдневие.

Кај овошјето има огромно зголемување, двоцифрено, кај јаболки, банани, лимони-признава премиерот Мицкоски. Инфлацијата која ја објави Државната статистика покажува дека транспортот и услугите ги подгреваат цените и во прехранбените производи и пијалоците. Токму затоа се под лупа на Владата, тврди премиерот Мицкоски. Се кројат анализи, како да се стигне до трајно а не популистичко решение.

Мицкоски појасни дека зголемените плати и пензии прават притисок врз побарувачката и таа се зголемува, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите сè додека има кој да плати.

Во петокот министерот за економија имаше средба со трговците, производителите и со дистрибутерите со храна. На средбата им даде последно предупредување да не си играат со цените. Во спротивно владата ќе воведе поригорозни мерки.

Ана Јосифоска