Или Собранието или Државната изборна комисија ќе пресече како независните кандидати ќе учествуваат на изборите наесен
Или Собранието или ДИК ќе пресече како независните кандидати ќе учествуваат на изборите наесен. Државната изборна комисија се изјасни дека доколку политичките партии не се усогласат, ќе донесат упатство за кандидирање без собирање потписи. И без формирање партија на локалните избори ќе може да учествува секој кој сака да си ја проба среќата. Недовербата во системот ги стави во дилема независните иницијативи...

И покрај уверувањата од ДИК дека слободно можат да учествуваат на локалните избори, независните граѓански иницијативи не отстапуваат од намерата да собираат потписи за формирање партии, во страв да не бидат извисени во последен момент.
Од Државната изборна комисија, пак, објаснуваат дека изборниот законик децидно им дава правото на групи избирачи да поднесат кандидатски листи. Оттаму појаснуваат дека по одлуката на Уставниот суд, или Собранието ќе донесе измени на изборниот законик за да се утврди бројот на потреби потписи за кандидатури или ќе се применува членот 60 без воопшто да се собираат потписи. Измените на Изборниот законик, пак, се блокирани во собранието од ДУИ. Премиерот Мицкоски рече дека опозициската партија бара секој член на ДИК да има право на вето, што е неприфатливо. Тој ја повика комисијата да донесе ново упатство.
Во ситуација да нема потреба да се собираат потписи, експертите очекуваат шаренолики избирачки ливчиња со многу учесници.
Рокот за доставување на кандидатурите до ДИК е до 13-ти септември.
Ирина Гелевска
