Стоматолошка комора

Денковски реагира дека министерот за здравство донел неисправна одлука

11.08.2025 16:47

Погрешна одлука донесе Министерството за здравство, велат од Комората на стоматолози која поради сомнежи за пропусти со лиценците и се одземени овластувањата. Сега надлежностите, ги има Министерството. Од Комората тврдат дека има извршено контроли но без неправилности. Надлежното министерство со реакција-одлуката е донесена врз основа на факти...

Откако Стоматолошката комора остана без ингеренции за издавање лиценци, нејзиното претседателството реагира дека министерот за здравство донел неисправна одлука. Оттаму тврдат дека кај нив имало неколку инспекции и не биле констатирани никакви неправилности. Претседателот на Комората покажа документи од извршени надзори и судски одлуки со кои ги отфрли наводите дека имало пропусти во работењето и финансиски криминал.

„За наводите дека на Комората и се дадени насоки од министерот, а таа не постапила ве информираме дека нема вистина во тоа и не е точно дека комората не постапила. Комората во текот на април постапила согласно насоките на министерот за здравство по сите точки за што има документи и писмени докази. Многу од доказите кои се доставени, ги снемува во Министерството за здравство, ги доставуваме по пет пати и се тврди дека не се доставувани“, изјави Марјан Денковски, претседател на Стоматолошката комора.

Според Денковски, начинот на едукација и во другите комори е ист како и во Стоматолошката. Вели подготвени се да ги сносат последиците, доколку се утврди оти погрешиле. Од Министерството за здравство, пак, велат дека одлуката за одземање на ингеренциите е донесена врз основа на факти и аргументи, откако две комисии утврдиле неправилности.

„По извршениот надзор на Првата комисија, формирана во 2024 година воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите „немаат утврдено неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората“, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат“, соопштија од Министерството за здравство.

Лиценците за работа на идните стоматолози времено ќе ги издава министерството за здравство. Има сомнеж и за финансиски злоупотреби за што истражува финансиската полиција.

Засега не е познато колку лиценци на стоматолози неправилно се издавале или продолжувале, ниту која е сумата за сомневањата за финансиски криминал.

Андријана Ѓурческа