Зеленски: Нема знаци дека Путин сака мир
Во пресрет на Самитот, германскиот канцелар Мерц за утре ги покани високите претставници на ЕУ на виртуелни разговори со американскиот претседател Трамп и украинскиот челник Зеленски...

Самитот САД-Русија в петок во Алјаска ќе биде средба за проценка-изјави американскиот претседател Трамп. Тврди дека во првите две минути ќе знае дали е можен договор со шефот на Кремљ. Неговата крајна цел е да ги седне Путин и Зеленски на маса, да ги надминат разликите и да ја завршат војната во Украина речиси сигурно со некаква размена на територии меѓу нив.
„Ќе има размена на територии. Тоа го знам од разговорите со Русија и другите страни, и тоа е во интерес на Украина. Ќе се сретнам со Путин и ќе видиме што има на ум. Нема да склучувам договор. Не е до мене да склучувам договор. Договор треба да постигнат двете страни. На крајот, ќе ги ставам двајцата во иста просторија и тоа ќе биде средено“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Путин е решен само да ја претстави средбата со Америка како своја лична победа, а потоа да продолжи да дејствува со истиот притисок врз Украина-обвинува Зеленски и додава дека Русија не покажува знаци дека се подготвува за мир.
„Нема никакви индикации дека Русите добиле сигнали да се подготват за повоена ситуација. Напротив, тие ги прераспоредуваат своите трупи и сугерираат подготовки за нови офанзиви. Ако некој се подготвува за мир, тоа не е она што го прави“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во пресрет на Самитот, германскиот канцелар Мерц за утре ги покани високите претставници на ЕУ на виртуелни разговори со американскиот претседател Трамп и украинскиот челник Зеленски.
