Новите дестинации отворија работа за туристичките агенции
Според последната статистика, за седум месеци низ македонските аеродроми минале 704,5 илјади луѓе, што претставува зголемување на бројот на патници од над 17 проценти, споредено со истиот период лани. Во редовниот сообраќај се вклучени 14 авиопревозници, со директни врски до 25 дестинации...

Неделно, со летниот ред на летање, на двата македонски аеродрома се реализираат 141 лет, за 16 повеќе во однос на 2013-та. Вкупен лидер по превезени патници е „Виз Ер“, додека кај редовните приматот го има „Туркиш Ерлајнс“.
Најпопуларна дестинација се уште е Истанбул, па следуваат Виена и Цирих. Сепак, во последно време, пред сè како резултат на работата на нискотарифните компании, хит дестинации се и Лондон, Париз, Малме, сè до Дубаи. Билет за еден правец до Емиратот денеска чинеше 99 евра.
Според последната статистика, за седум месеци низ македонските аеродроми минале 704,5 илјади луѓе, што претставува зголемување на бројот на патници од над 17 проценти, споредено со истиот период лани. Во редовниот сообраќај се вклучени 14 авиопревозници, со директни врски до 25 дестинации.
„Пред четири години, кога ТАВ ја презеде улогата на коцесионер на аеродромите, имавме само 15 дестинации. Оттогаш имаме зголемување за цели 67 проценти на вкупниот сообраќај, од 590 илјади патници на 1.067.000 патници лани. Оваа година тој раст продолжува“ , рече Зоран Крстевски, генерален менаџер на ТАВ Македонија.
Новите дестинации отворија повеќе работа и за домашните туристички агенции.
„Голем интерес има и за новоотворената линија на „Ал Италија“ за Рим, се јавуваат голем број патници. Продаваме билети и за нискобуџетните авиокомпани кои го зголемија бројот на патници и интересот за патување. Сепак, туристичките агенциите не можат во целост да се потпрат на нискобуџетните компании, бидејќи немаме доволно конекции со нив до другите држави. Мислам дека редовните превозници се посигурни за работа, од аспект на безбедноста, багажот, групните цени и слично“, дополни Дејан Вељанов, генерален менаџер на туристичка агенција.
Субвенциите за операторите и падот на визниот режим создадоа поволни услови за авиосообраќајот во земјава. Годинава се очекува повторно да биде натфрлен бројот од милион превезени патници.
Мартин Пушевски
