Руско-украински конфликт

Трамп: Средбата со Путин ќе биде средба за проценка

12.08.2025 10:01

Дипломатска надеж за мир во Украина. Трамп тврди дека ќе има размена на територии. Тоа го констатирал од разговорите со Русија и другите страни, а било во интерес на Украина. Зеленски пак, вели дека Русија подготвувала нови офанзиви...

Средбата САД-Русија в петок во Алјаска ќе биде средба за проценка-изјави американскиот претседател Трамп. Тврди дека во првите две минути ќе знае дали е можен договор со шефот на Кремљ. Неговата крајна цел е да ги седне Путин и Зеленски на маса, да ги надминат разликите и да ја завршат војната во Украина речиси сигурно со некаква размена на територии меѓу нив.

„Ќе има размена на територии. Тоа го знам од разговорите со Русија и другите страни, и тоа е во интерес на Украина. Ќе се сретнам со Путин и ќе видиме што има на ум. Нема да склучувам договор. Не е до мене да склучувам договор. Договор треба да постигнат двете страни. На крајот, ќе ги ставам двајцата во иста просторија и тоа ќе биде средено“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Путин е решен само да ја претстави средбата со Америка како своја лична победа, а потоа да продолжи да дејствува со истиот притисок врз Украина-обвинува Зеленски и додава дека Русија не покажува знаци дека се подготвува за мир.

„Нема никакви индикации дека Русите добиле сигнали да се подготват за повоена ситуација. Напротив, тие ги прераспоредуваат своите трупи и сугерираат подготовки за нови офанзиви. Ако некој се подготвува за мир, тоа не е она што го прави“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Европските министри за надворешни работи изразија поддршка за чекорите на САД, но остануваат на ставот дека Украина и Европа мора да бидат на преговарачка маса. Брисел со најава и за нов пакет санкции за Москва.

„Важно е ништо да не помине без Украина и без Европа бидејќи ова се однесува на европската безбедност и ништо не може да се договори зад наш грб. Секој договор мора да биде прифатен од Украина и од Европа. Ако не бидат вклучени, нема да биде добро за Америка и нивниот кредибилитет, или ако се согласат со нешто за коешто не можат да гарантираат дека ќе биде исполнето. Исполнувањето може да се гарантира само ако Украина се согласи со овој договор“, изјави Каја Калас, Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.

Во пресрет на средбата Трамп-Путин, германскиот канцелар Мерц за утре ги покани високите претставници на ЕУ на виртуелни разговори со американскиот претседател Трамп и украинскиот челник Зеленски.

 

Бојана Крстевски