САД

Трамп ја распореди Националната гарда во Вашингтон и вети сузбивање на криминалот

12.08.2025 13:36

Трамп ја распореди националната гарда во Вашингтон и вети сузбивање на криминалот. Одлучен да се бори против беззаконието и да го врати редот. Градските власти со одговор-криминалната стапка е најниска во последните 30 години. Жителите поделени околу одлуката на шефот на Белата куќа...

Полицијата во Вашингтон под федерална контрола. Претседателот Трамп прогласи вонредна состојба на јавната безбедност и распореди 800 војници на Националната гарда во борба против криминалот и бездомниците во градот. Целта е вели да се врати законот и редот.

„Тие веднаш ќе започнат масовни операции за спроведување на законот насочени кон познати банди, дилери на дрога и криминални мрежи за да ги отстранат од улица, а можеби и да ги истераат од земјата, бидејќи многу од нив влегле во нашата земја нелегално. Не требало да им биде дозволено да влезат. Тие доаѓаат од целиот свет. Ќе ги истераме. Нема да останат долго тука“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Градските власти велат-одлуката на Трамп е вознемирувачка. Тврдат дека стапката на криминал во Вашингтон веќе се намалува и е на најниско ниво во последните 30 години.

„Точно дека по Ковид имавме зголемување на криминалот. Брзо донесовме закони што ги отстранија насилните криминалци од улиците. Поради тие напори, гледаме огромен пад на криминалот кој сега е на најниско ниво во последните 30 години“, изјави Муриел Баузер, градоначалничка на Вашингтон.

Жителите на Вашингтон поделени околу одлуката на шефот на Белата куќа.

„Сум бил бездомник претходно, па знам како е тоа. Сочувствувам со тие луѓе, бидејќи дел од нив не се зависници од дрога, едноставно имаат проблеми кои не ги надминале. Градот отсекогаш бил преполн со криминал, но сега безбедноста е влошена“, изјави Николас Деметри Ифил, жител на Вашингтон.

„Никогаш не сум се чувствувала небезбедно шетајќи наоколу“, изјави Кејти Расмусен, жителка на Вашингтон.

„Мислам дека Трамп се обидува да им помогне на луѓето, но што се однесува до обидот да ги извлече бездомниците од градот, тоа нема да успее“, изјави Мелвин Браун, жител на Вашингтон.

Последниот пат Националната гарда беше распоредена во Вашингтон како одговор на немирите во Капитол во 2021 година.

 

Катерина Бојаџиева