Инвестиции

Почна изградбата на првата инвестиција во ТИРЗ Тетово- најавени 120 нови работни места

21.08.2014 16:08

Поставен е камен темелник на првата инвестиција во тетовската технолошко индустриска развојна зона. Инвеститорот е од Италија и најавува вработување на 120 лица. Премиерот Груевски рече дека ова е резултат на добрите владини политики за привлекување странски инвестиции...

Прва инвестиција во Технилошко индустриската развојна зона во Тетово. Италијанската компанија „Про Компо“ гради капацитет за производство композитни материјали. Инвестира околу 3,8 милиони евра, а најавува отворање нови 120 работни места.

„Нашата одлука да отвориме погон во Македонија се базира на одличната географска и стратешка позиција со која имаме пристап до другите пазари, потоа конкурентните трошоци за производство, лесната бирократска постапка и поволениот даночен режим што ќе овозможи нашиот профит да го реинвестираме во развој на Про Компо“, изјави Роберто Оскири, директор на „Про Компо“.

Новите фабрики се главен двигател за намалување на стапката на невработеност во државата, рече премиерот Груевски. Порача дека секој може да помогне гласот за поволното инвестирање во Македонија да стигне што подалеку.

„Благодарение на новите инвестиции извозот од зоните во државата во првите шест месеци од годинава изнесува над 550 милиони евра, а тоа значи дека е двојно поголем во однос на првите шест месеци од минатата година. До крајот на 2014 извозот од зоните се очекува да надмине милијарда евра, а таквите тенденции очекуваме во иднина уште повеќе да растат“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Странските инвеститори одамна ја ставија Македонија на својата мапа, а сега се зголемува заинтересираноста и за овој регион.

„Влезот на оваа компанија ќе ја смени перцепцијата на малите компании кои можат да се пофалат со голема иновативност и дека во иднина ќе имаме повеќе вакви компании“, смета првиот човек на Агенцијата за привлекување странски инвестиции,  Висар Фида.

„Ова претставува заживување на нашите заложби за рамномерен економски развој во државата. Овој пат во полошкиот регион“, истакна министерот за економија, Беким Незири.

Се очекува компанијата да започне со производство следната година, а потоа можно е и нејзино проширување. Надежите се дека тетовската индустриска зона ќе привлече и други инвеститори.  

 

Зоран Јованоски

Снимател: Даниел Евросимоски