Се утврдуваат правилата за учество на независните кандидати на локалните избори
Независните кандидати ја разбрануваа политичката сцена. На повидок ново решение за нивно учество на изборите наесен, но правилата од една страна ги кројат Министерството за правда заедно со експерти, а од друга страна членството на ДИК. Во меѓувреме независните иницијативи се пред креирање на политичка партија. Потписите продолжуваат да се собираат...

До крајот на неделава ќе се реши дилемата за правилата за учество на независните кандидати на локалните избори. Правни експерти се повикуваат на консултации во Министерството за правда за да помогнат во техничкото решение за учество на независните иницијативи на изборите. ДИК на седница ќе разгледува ново упатство иако останува на ставот дека не се потребни потписи за настап како група од најмалку двајца избирачи кои можат да бидат ставени на избирачкото ливче. Аналитичарите оценуваат дека поради ова може да се зголеми бројот на кандидати на избирачкото ливче, а и да се злоупотреби од лица кои не сакаат навистина да се натпреваруваат на изборите.
Независните кандидати, пак не веруваат на изјавите од надлежните за изборите, па решија да продолжат со собирање потписи за формирање политичка платформа за учество на локалните.
Ирина Гелевска
