Европа

Европа и Балканот на мета на климатските промени, високите температури рушат децениски рекорди

13.08.2025 13:02

Европа и Балканот на удар на климатските промени. Високите температури рушат децениски рекорди, а шумски пожари беснеат во повеќе медитерански земји. Стариот континент се справува и со екстремната суша. Научниците предупредуваат дека Европа се затоплува двојно побрзо од било кој друг континент. Алармираат до властите да изнајдат брзо решение за справување со кризната состојба.

Европа и Балканот на мета на климатските промени, како никогаш досега. Огнена стихија беснее од Португалија, Шпанија, Грција, Турција па се до Албанија, Србија и Црна Гора. Противпожарните екипи во Грција се борат со десетици пожари претежно во западниот дел на земјата. Пламените јазици стигнаа и до периферијата на третиот град по големина Патра. Уништени се илјадници хектари шума, пеплосани се домови и деловни објекти. Пожари има и на островите Закинтос и Кефалонија. Илјадници жители на Шпанија се евакуирани поради големите пожари кои го зафатија Пиринејскиот полуостров. Едно лице загина во огнената стихија во Албанија, а неколку села се евакуирани поради опасноста од огнот кој се приближува кон куќите. Во Србија пожарникарите се борат со огнот во Кладови. Во Црна Гора со денови горат шумски пожари, дел од жителите се сомневаат дека се намерно подметнати.

„Некој ова го пали, кој е не знам. Но, мислам дека дури и ако тоа лице биде фатено, никој нема да го допре, ќе го ослободат. Се е изгорено, се отиде по ѓаволите. Не можевме да се одбраниме. Некој мора да стави крај на ова“, изјави Гојко Божовиќ – жител на Куци.

Милиони луѓе на стариот континент бараат начини да се прилагодат на рекордно високите температури. Екстремните горештини рушат повеќедецениски температурни рекорди. Сушата е дополнителен предизвик, особено за земјоделците кои мака мачат да го одржат родот. Вообичаено дождливата Велика Британија, годинава се справува со четвртиот топлотен бран, поради што властите прогласија суша во четири региони.

„Веројатно ќе има притисок врз цените и изборот во супермаркетите. Грижата дека можеби нема да добиеме ништо од жетвата е загрижувачка, тоа не води кон размислување дали вреди да го правиме ова во иднина“, изјави Бен Ендрјус, земјоделец.

„Постојат големи планови за изградба на нови акумулации. Навистина е важно компаниите за вода да се справат со задачата и да испорачаат, а ние сме тука за да се осигураме дека ќе го сторат тоа“, изјава Ручард Томпсон, заменик-директор за вода во Агенцијата за животна средина.

Научниците алармираат дека Европа се затоплува двојно побрзо од кој било друг континент. Климатските промени го зголемуваат интензитетот на топлотните бранови и сушата, правејќи од Европа многу ранлива на пожари. Европските лидери се наоѓаат под голем притисок да изнајдат решенија што ќе ја ублажат неизвесноста од кризата со топлотните бранови и сушата.

 

Маја Стојанова