Ризница од артефакти: Ископувањата во Скупи даваат нови неочекувани резултати
Распослан на површина од 25.000 метри квадратни, со капацитет од 10.000 седишта, најголемиот антички објект во Република Македонија ќе биде целосно реконструиран во 2017- та. Станува збор за римскиот театар во Скупи – локалитет кој што е од исклучителна важност пред се за историјата и потеклото на денешната македонска престолнина, но и многу пошироко...

Втората фаза од проектот Римски театар Скупи привршува со неочекувани резултати. Последните ископувања откриваат нови културни хоризонти, почувајќи од железното време, преку римскиот и доцноримскиот, се до раносредновековниот период.
Македонската почва и натаму останува ризница на напроценливи откритија. А токму овде во римскиот театар во Скупи, изминатиов период беа пронајдени исклучително важни артефакти од историјата на човештвото.
Два гроба од железно време како сведоци на Пајонската култура, автентични седишта од театарот, станбени објекти, 50- тина гробови од раносредновековниот период и над три ипол илјади предмети меѓу кои и монети, се дел од мистериите откриени под тлото во Скупи. Раководителот на истражувањата на Скупи, Антонио Јакомовски, најави дека тие се конзервирани и чекаат да бидат изложени пред јавноста.
Театарот се очекува да биде пуштен во употреба во 2017- та година, најави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
„Верувам дека ќе биде од огромно значење за потврдата на нашето културно наследство и богатство што го поседуваме, но и еден комплексен објект кој што ќе овозможи да привлечеме огромен број на туристи кои што и во овој период доаѓаат овде и да понуди богата културна понуда за различни манифестации што може да се реализираат на самиот локалитет“, рече министерката Канческа- Милевска.
Овој локалитет е од исклучителна важност пред се за модерната македонска престолнина, бидејќи како што рече скопскиот градоначланик Коце Трајановски, токму овде се наоѓа нејзиното огниште – старото Скопје односно Скупи.
„Тоа е од огромна важност за градот Скопје, за неговата историја, за тоа од каде потекнуваме и од каде почнува да се развива градот и секако дека ова ќе придонесе за поголема културна афирмација на градот Скопје“, додаде градоначалникот на Скоје, Коце Трајановски.
Првите културни манифестации што ќе се случат на сцената на овој театар изграден во 2 век од нашата ера, се очекуваат со нетрпение.
Марија Котовска
