Огнена стихија

Топлотниот бран продолжува, но и пожарите

13.08.2025 16:31

Се прават натчовечки напори да се стави под контрола пожарот во ловиштето Јасен, истакна премиерот Мицкоски кој го посети националниот парк, каде што со денови службите се справуваат со огнената стихија. На овој потег интервенираат специјалните сили. Се гасне и од копно и од воздух …

Топлотниот бран и екстремно високите температури продолжуваат, а со нив зачестија и пожарите. Се гасне и од копно и од воздух. Најсериозна сè уште останува состојбата со пожарот во националниот парк Јасен. На оваа локација се интервенира со денови. Огнената стихија сè уште не може да се стави под контрола. На терен со првиот човек на дирекцијата за заштита и спасување излезе и премиерот Мицкоски. Информираше дека се прават натчовечки напори, се гасне и со хеликоптер и ер трактори. Изразувајќи благодарност до службите коишто дејствуваат на терен, рече дека очекува во најскоро време и овој пожар да биде ставен под целосна контрола.

Се надевам дека ќе дојде крајот на овие огнени стихии, апелирам на однесување какво што треба во рамки на движењето по шуми, иако тоа е забрането, но од очевидци можам да кажам дека оваа огнена стихија е настаната од удар на гром, според тоа што го слушнавме овдека. Така што сакам да упатам до граѓаните дека состојбата е под контрола дека се е како што треба до овој момент, иако борбата со огнената стихија овде во ловиштето Јасен продолжува“, изјави премиерот Мицкоски.

Пожарот на Јасен на моменти бил целосно изгаснат, но поради исклучително непристапниот терен, некои негови краци повторно се реактивираат. Гаснат пожарникари помогнати од специјалните сили на армијата и полицијата, вработени во Национални шуми. Изминатото деноноќие биле регистрирани 33 пожари на отворен простор. Засега нема други пожари, кои може да се издвојат како тешки за гаснење.

Поради пожарот во националниот парк затворен за секаков вид на возила од утринава е регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, информираше Автомотосојузот на Македонија.

Центарот за управување со кризи информираше за десетина пожари на отворено на ниво на државата. Опожарени се ниска вегетација и нискостеблеста шума. Во Куманово се интервенираше на пожар во близина на центарот за мигранти Табановце.

„Пожарот беше на поголема површина над 50 хектари опожарено. Гореше сува трева, нискостеблеста шума, објекти нема зафатено“, изјави командирот на ТППЕ Куманово Илиевски.

Пожари периодов се активни и во соседството. Дел од балканските држави бележат и неколку жртви.

Елена Георгиевска