Фестивал на водени спортови по трет пат во Охрид
За три дена охриѓани и туристите ќе имаат можност да уживаат во голем број спортски настани кои ќе се одвиваат во водите на Охридското езеро, во рамките на фестивалот на водени спортови „Ohrid water festival“ покрај во спортот учесниците и туристите ќе слушаат убава музика и ќе вкусат гастрономски специјалитети од овој регион …

Од шеснаесетти до триесетти август, Охрид ќе биде домаќин на Фестивалот на водени спортови, во чии рамки ќе се одржат дваесет натпреварувања на кои учество ќе земат спортисти од земјава и странство.
Ова трето издание на фестивалот како и минатите години ќе биде спој на водените спортови, убавата музика и гастрономските понуди од ова поднебје.
„Ohrid water festival“ со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата. Ако земеме предвид дека второто издание беше за осумдесет проценти попосетено и со голем број натпреварувачи, веќе годинешното трето издание на Ohrid water festival, ќе биде со зголемување од околу четириесет посто, што значи дека можеме да кажеме дека веќе третата година од одржување на фестивалот добиваме сериозен настан“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Фестивалот ќе стартува со ревијален ватерполо турнир, а љубителите на спортот ќе можат да ги проследат меѓународните кајак, едриличарска и веслачка регата, меѓународното штафетно нуркање, триесет и три километарскиот маратон од Радожда до Љубаништа, а покрај другите настани на последниот ден од фестивалот ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон од Свети Наум до Охрид.
„Покрај спортот горди сме што имаме и повеќе од десет социјално едукативни активности, меѓу кои се изложби, предавања, работилници и едукативни настани со една цел: да ја подигнеме свеста за заштита на природата, водата и задницата што ја споделуваме“, изјави Никола Вретоски, претседател на Фестивалот на водени спортови.
Се очекува фестивалот уште еднаш да придонесе за промоција на потенцијалите на Охридското езеро и водените спортови во комбинација со културна програма.
Сашо Нелоски
