Епохално археолошко откритие на повидок во прилепско
Завршија археолошките истражувања на локалитетот „Висока“ кај Прилеп кои најверојатно ќе го дадат одговорот на децениското прашање за локацијата на четвртата престолнина на Македонците. Според архитектурата на акрополата, археолозите со сигурност тврдат дека станува збор за тврдината на Кралот на Пелагонците.

На повидок е епохално откритие на врвот Висока во Мариово. Според последните истражувња , најверојатно ова место ја крие четвртата македонска престолнина градот – Пелагонија. Градот е поделен на два дела, еден на врвот Висока, а другиот кај селото Подмол, кој се наоѓа во подножјето под Висока, и каде се пронајдена и кралската гробница. На висока живеел кралот, а додека кај Подмол народот. Трите други македонски престолнини се наоѓаат во Грција - Пела, Амфиполис и Солун. По овој град археолозите трагаат веќе со векови.
„Овој град кој се наоѓа на врвот Висока би бил акрополниот дел од еден поголем комплес, градски, цивилизациски комплекс, кој што најверојатно е античкиот град Пелагонија, центарот на кралството на античките Пелагонци. Се гледа дека оваа архитектура ја градел некој посебен човек, некои посебни луѓе кои имале финансиска моќ, а тоа го можел само кралот на Пелагонците“, истакна Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културно наследство.
До горниот дел на градот кој се наоѓа на 1.470 метри надморска височина може да се стигне само пешки. Тој се простира на површина од околу 2,5 хектари, а од тука се има поглед на цела Пелагонија.
Со сигурност може да се каже дека овие откриени скали се влезот во акрополата, односно палатниот дел на градот, а во наредните години се очекува да се открие и крунскиот доказ, односно дворецот на кралот на Пелагонците.
Во наредните археолошким кампањи кои ќе следуваат, останува 100 процентно да се утврди тезата дека тоа е навистина градот Пелагонија.
„Начинот на градба на ова монументално дело, кој соодветствува со начинот на самата гробница кај селото Бонче, укажува на тоа дека единствено во тоа време моќен човек кој што можи да си го дозволи ова градителство на оваа недостапна точка, е само кралот на Пелагонците кој во изворите се споменува дека се викал Менелај“, вели Дејан Кебакоски, раководител на проектот.
Проектот го реализираше Институтот за Старословенска култура од Прилеп, а како капитален археолошки проект, беше поддржан и координиран од Управата за заштита на културното наследство.
Дарко Штаргоски
