Ескалираа протестите во Србија, има повредени
Ескалираа деветмесечните антивладини протести во Србија. Во Нови Сад и Белград дојде до судир меѓу приврзаниците на Српската напредна странка и демонстрантите кои ги блокираат улиците. Десетици граѓани и полицајци се повредени. Вучиќ се закани – ќе бидат уапсени сите кои сакаат да ја втурнат земјата во граѓанска војна…

Кулминација на деветмесечните антивладините протести во Србија. Хаос на улиците во Нови Сад и во Белград, откако приврзаниците на претседателот Вучиќ се судрија со демонстрантите. Поддржувачите на владејачката СНС фрлаа пиротехнички материјали кон приврзаниците на студентите во блокада кои скандираа во близина на канцеларијата на партијата која во меѓувреме ја демолираа. Во Белград демонстрантите фрлаа со шишиња вода кон полицајците кои се обидуваа да приведат учесници на протестот. Полициските службеници употребија солзавец и топовски истрели во обид да ја растераат толпата. Дел од учесниците во протестот сведочат дека приврзаник на СНС пукал со огнено оружје во воздух.
Десетици припадници на специјалната единица Кобра се повредени, меѓу нив четворица се во тешка здравствена состојба. Има повредени и меѓу учесниците во протестите.
„За жал имаше напад врз граѓани и поддржувачи кои стоеле пред канцеларијата на Српската напредна партија во Нови Сад. Има повредени полицајци, но сигурно ќе имаме уште многу повеќе. Имаше масовен напад, полицијата се обиде да интервенира и да воспостави јавен ред“, рече Ивица Дачиќ – министер за внатрешни работи на Србија.
Претседателот Вучиќ ги обвини студентите во блокада дека прават ужасни работи. Се закани дека ќе ги уапси сите кои се обидуваат да ја втурнат земјата кон граѓанска војна. Истакна дека ќе направи сè за смирување на состојбата во земјата.
„Сега повеќе од кога било, треба да се слушаме едни со други, да се разбереме едни со други. Тие направија ужасни работи во Нови Сад. И сè уште го прават тоа. Но, кога покажувате волја за мир и дисциплина секогаш победувате. И Србија ќе победи“, изјави Александар Вучиќ претседател на Србија.
Протести се одржаа во над 30 градови во Србија, откако студентите во блокада повикаа на сеопшт собир како одговор на инцидентите во Врбас и во Бачка Паланка, каде што во вторникот поддржувачите на Вучиќ фрлаа факели, камења и шишиња кон демонстрантите кои одговорија со различни предмети.
Маја Стојанова
