Беснеат пожари на стариот континент
Европа се бори со огнените стихии. Пожари беснеат во повеќе држави. Има и жртви и евакуации. На удар Шпанија, Грција, Црна Гора…

Екстремно високите температури ги влошија состојбите со пожарите во Европа. Гори и на Балканот. Во Црна Гора, Ден на жалост по смртта на војникот кој загина при гаснењето пожар додека борбата со огнените стихии во земјата продолжува. Дел од пожарите се ставени под контрола, нови жаришта пријавени во неколку села. Квалитетот на воздухот нарушен. Полицијата уапси десет лица кои планирале да подметнат нови пожари.
„Ситуацијата беше апокалиптична, сè гореше. Противпожарната бригада пристигна на време. Највисока пофалба за нив, се бореа со пожарот загрозувајќи ги своите животи“, изјави Здравко Ивановиќ, жител на населбата Куча.
„Сите работеа дење и ноќе. Подобро е цела Црна Гора да се обедини за да се стави крај на овие пожари. Ужасно е“, изјави Иван Перуновиќ, волонтер од Никшиќ.
14 осомничени за подметнување пожари се уапсени и во Албанија. И натаму најтешка е ситуацијата во Делвине и Грамш. Над 40 домови се изгорени, а стотици жители евакуирани. Во огнената стихија зафатена и православна црква стара 300 години. Во Грција ситуацијата подобрена, но и натаму гори на Пелопонез и на островот Хиос. Во Патра огнот пеплоса десетици возила.
„Откако првите автомобили беа зафатени од оган, пламенот почна брзо да се шири нагоре, тогаш дојдоа пет противпожарни возила, но веќе беше доцна ништо не можеа ништо да направат“, рече Агелос Синос, локален жител.
Огнени стихии пустошат и во Шпанија. Власти затворија дел од патиштата откако огнот стана закана за станбените области. Борба со пожарите и во Португалија.
„Од шест часот наутро не сум застанал. Никој нема да спие и вечерва. Сè почнува одново. Утрово, до куќата на мојот брат, помогнавме во гаснењето на пожарот, а сега тој повторно се разгорува. Таму беше противпожарно возило. Сè почнува одново“, рече Хаиме Диас, жител на Транкосо, Португалија.
Кога ваквите екстремни пожари стануваат нова нормалност, оваа криза е последен аларм за сите држави итно да инвестираат во превенција, зајакнување на капацитетите, но важно и основно е подигнување на свеста за климатски промени.
Катерина Бојаџиева
