Безбедност

Летниот период носи и повеќе кражби

14.08.2025 17:45

Топлото време и летните одмори ги отворија вратите за крадците. Дури 1.000 кражби регистрира полицијата само во јуни и јули. Познавачите на безбедноста апелираат на превенција, како најдобра заштитна мерка за граѓаните, но и на функционални служби...

Летниот период, одморите и празните домови, привлечен момент за криминалците. Речиси секоја година во топли денови, расте бројот на кражби. Најчести се грабежите на домови, но има и обиени паркирани автомобили. Според статистиката на министерството за внатрешни работи во јуни и јули регистрирани се 967 кривични дела. Од нив 689 се „тешка кражба“ и 278 „кражба“. Споредено со истиот период лани, бројот велат од полицијата е намален за околу 20 отсто. Но граѓаните со спротивни тврдења. Велат сè почесто слушаат за вакви деликти. Укажуваат има и сограѓани кои и не пријавуваат кога вредноста на украденото е помала.

Познавачите на безбедноста појаснуваат превенцијата е најевтина но и најплодна мерка. Препорачуваат граѓаните да бидат внимателни со користењето на социјалните мрежи и да избегнуваат јавно споделување на локацијата. Дополнително укажуваат вредните предмети би требало да се чуваат во банкарски сефови. Постојат и агенции за обезбедување, а дел од граѓаните веќе и сами поставуваат видео надзори. Но освен самите, граѓаните мора да ги штитат и институциите. Полицијата велат мора да ги анализира самите деликти и препораките да се засноваат на нив.

„Имате многу видови на кражби по место на извршување, време, начин. Сите препораки треба да се засноваат на анализа. Анализата ќе ни каже за каков вид на кражби како да се заштитиме. Онаа стратегија на гаснете светло, не спуштајте ролетни веќе е застарена демагогија, и затоа велам дека МВР мора особено секторите аналитика и превенција да се занимаваат со наука во полицијата. Тоа е единствен начин како сериозно да бидеме безбедни“-вели Владимир Пивоваров, експерт по безбедност.

Кумановската полиција изминатиот период реализираше превентивна активности. Со делење летоци на граѓаните им укажаа за мерките за заштита и самозаштита од разбојништво.

Препораките се при излегување од дома да се проверат сите врати и прозорци. Да не се оставаат и вредни предмети на видно место во возилата и да се внимава на парите и платежните картички.

Доколку забележат провала во дом, најдобро е веднаш да пријават на 192 или во најблиската полициска станица.

Елена Георгиевска