Шумари работат како административци-„Национални шуми“ во незавидна ситуација
Шумари работат како административци – ова го покажа ревизорскиот извештај за ЈП „Национални шуми“ за 2023 година. 73 проценти од вработените, односно 259 лица, наместо на терен седеле во канцеларии, во време кога над половина од производствениот процес бил зависен од надворешни извршители…

Наместо да сечат дрва – околу 260 шумски работници, дотурачи, редари, во „Национални шуми“ седат во канцеларија и извршуваат административна работа. Ревизорот нотирал дека ова се случува додека повеќе од половина од производниот процес во јавното претпријатие зависи од надворешни извршители. Менаџментот вели – се наоѓаме во незавидна ситуација, меѓу вработените има шумски инженери, но добиле решенија за сечачи и не може да ги избркаме.
„Сепак се луѓе кои имаат соодветни решенија, и доколку ние решиме дел од тие луѓе да ги избркаме, сепак судот и другите институции би ни ги вратиле. Не само што ќе ги вратат, ќе ги вратат со еден куп судски трошоци. Тие решенија согласно законот не може да се променат, дел од тие луѓе и се соодветни. Примиле шумарски инженери, но наместо да ги примат како шумарски инженери ги вработиле како секачи“, вели Кире Михаилов, заменик – директор на ЈП „Национални шуми“.
Михаилов посочува – во споредба со лани, претпријатието сериозно го зголемило производството на дрво, на околу 200 илјади кубни метри за седум месеци. Тој рече дека за недомаќинското работење има пријави, а институциите постапуваат. Ревизорот нотира дека во 2023-та година „Национални шуми“ биле во незавидна финансиска положба. Претпријатието имало долг од 17,5 милиони евра, а плати се исплаќале со кредити. Долгот кон државата е 7,3 милиони евра, а државата на претпријатието му должи 2,6 милиони евра за акцијата „ден на дрвото“.
Ревизијата констатира – долговите и слабата контрола во одредени процеси на работењето го загрозува функционирањето на претпријатието. Иднината на македонските шуми сега зависи од тоа како менаџментот ќе се справи со овие предизвици.
Електронскиот систем за следење на дрвната маса не се користи што ја ограничува можноста за контрола.
Андријана Ѓурческа
Фото: ДЗР
