Самит САД-Русија, одлучувачки момент за Украина
Самит САД-Русија во Алјаска. Одлучувачки разговори меѓу Трамп и Путин за иднината на Украина. Шефот на Белата куќа оптимист-верува во можноста за постигнување мир...

Самит САД-Русија во Алјаска. Одлучувачки разговори меѓу Трамп и Путин за иднината на Украина. Шефот на Белата куќа оптимист-верува во можноста за постигнување мир. Смета дека рускиот колега би сакал да види договор, во спротивно би се соочил со сериозни последици. Сега е најважно да се подготви маса за трилатерална средба-нагласи Трамп.
„Мислам дека ќе биде добра средба, но поважна ќе биде втората што ќе ја имаме со Путин и Зеленски. Можеби ќе доведеме и некои од европските лидери. Ќе видиме што ќе се случи. Верувам дека и двајцата ќе склучат мир. Мислам дека претседателот Путин би сакал да види договор. Сè што сакам да направам е да ја резервирам масата за следниот состанок, кој треба да се случи многу брзо по овој. Ќе откриеме каков е ставот на сите и ќе знам во првите минути дали ќе имаме добар или лош состанок“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Путин, пак, пред состанокот изјави дека Вашингтон вложува енергични и искрени напори за завршување на тригодишната војна.
„Сегашната американска администрација вложува доста енергични и искрени напори за запирање на непријателствата, на кризата и постигнување договори што се од интерес за сите страни вклучени во овој конфликт, со цел да се создадат долгорочни услови за мир меѓу нашите земји, и во Европа, и во светот како целина, ако во следната фаза постигнеме договори во областа на контролата врз стратешкото офанзивно оружје“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Зеленски кој е исклучен од разговорите, предупреди дека одлуките донесени во негово отсуство ќе бидат бесмислени. Со ист став и европските сојузници.
