Регион

Ескалација и нови судири на протестите низ Србија

15.08.2025 09:09

Нови судири меѓу про и антивладините демонстранти во Белград. Полицијата интервенираше со солзавец за да ја растури толпата...

Ескалираат протестите во Србија. Нови судири меѓу про и антивладините демонстранти во Белград. Полицијата интервенираше со солзавец за да ја растури толпата.

„Сега е моментот кога сите треба да излеземе и да покажеме дека не сме исплашени и дека нивните обиди да употребат насилство за да ги спречат протестите на луѓето и студентите нема да успеат“, изјави Алекса Петковиќ, жител на Белград.

Солзавец и инциденти пријавени и во Нови Сад каде што пред повеќе од девет месеци започна бунтот против Вучиќ. Група млади демонстранти извикуваа „Готов е“ демолирајќи ги канцелариите на владејачката Српска напредна партија.

„Работите ескалираат, не очекуваа толку голем отпор, толку многу енергија во средината на август, што може да биде многу лош показател за нив“, изјави Зоран Лутовац, член на опозициската Демократска партија.

„Јасно беше дека на демонстрациите немаше поддржувачи на Српската напредна партија или на која било друга партија од владејачката коалиција. Нападнати се просториите и демолирани, и масовно е нападната полицијата, и тоа брутално. Морам да кажам дека не сме виделе толку големи напади врз полицијата со години“, изјави Ивица Дачиќ, министер за полиција на Србија.

Вучиќ најави апсења на демонстрантите, обвинувајќи ги дека се непријатели на сопствената земја и дека поттикнуваат насилство.