Повиците од мобилен во странство со цени како дома

21.08.2014 17:08

По иницијатива на Македонија, државите од регионот на пат да го укинат роамингот. Се бараат правни решенија за реализација на идејата. Операторите не се задоволни, граѓаните со поддршка...

Укинување на роамингот во 9 балкански земји од 1 јануари 2015. За ваквото решение денеска дискутираа регулаторите од регионот.

„Република Турција, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Македонија, во иницијативата се и БиХ и Косово- како помеѓу нас да нема роаминг, како нашите корисници кои патуваат во овие држави да не плаќаат високи цени. Најдовме законска можност“, вели првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски.

Корисниците велат дека досегашните услуги и цени се високи. Даваат поддршка за новата идеја.

„Не сум задоволна од цените... Многу се високи... Генерално и во Европа се високи“, велат граѓаните кои случајно ги анкетиравме.

За разлика од граѓаните за кои ќе има заштеда на пари, мобилните оператори не се среќни со иницијативата.

„Мобилните оператори се бунат генерално за сите наши иницијативи, нас не интересираат 2 милиони и 100 илјади корисници“, нагласува Ордановски.

Македонците плаќаат за роаминг услугите многукратно повеќе од земји- членки на Европската унија каде постои регулација на цените.

Телефонските повици, текстуалните пораки како и интернет услугите ќе бидат тарифирани по вообичаени цени во 9 балкански држави. Одлуката ќе стапи на сила по изгласување на предлог законот во парламентите во регионот.

 

Лука Андреев