Почеток на крајот на војната во Украина?!
Дали е на повидок почеток на крајот на војната во Украина? Американскиот и рускиот претседател, Трамп и Путин вечерва се на историска средба во Енкориџ, Алјаска. Во агендата, прво е предвиден тет-а-тет разговор, па проширен состанок на петчлените делегации. Централно прашање е како да се стигне до мир…

Во Алјаска, самит САД-Русија. Одлучувачки разговори меѓу Трамп и Путин за иднината на Украина. Двајцата лидери прво на тет-е-тет состанок, па разговори на делегациите што бројат по пет члена. Шефот на Белата куќа верува во можност за постигнување мир – не исклучи ниту нов трилатерален состанок со Зеленски на масата.
„Мислам дека ќе биде добра средба, но поважна ќе биде втората што ќе ја имаме со Путин и Зеленски. Ќе видиме што ќе се случи. Верувам дека и двајцата ќе склучат мир. Сè што сакам да направам е да ја резервирам масата за следниот состанок, кој треба да се случи многу брзо по овој. Ќе откриеме каков е ставот на сите и ќе знам во првите минути дали ќе имаме добар или лош состанок. Доколку е лош ќе заврши брзо“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Шефот на Кремљ изјави дека Вашингтон вложува енергични и искрени напори за завршување на тригодишната војна.
„Сегашната американска администрација вложува доста енергични и искрени напори за запирање на непријателствата, на кризата и постигнување договори што се од интерес за сите страни вклучени во овој конфликт, со цел да се создадат долгорочни услови за мир меѓу нашите земји, и во Европа, и во светот како целина, ако во следната фаза постигнеме договори во областа на контролата врз стратешкото офанзивно оружје“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.
Средбата не се гледа како средба за конечно решение, туку како почеток на крајот на војната во Украина и за начинот како да се стигне до мировно решение за кое Трамп посочи дека би можело да вклучува и поделба на територија – нешто што Зеленски го отфрла. Украинскиот челник предупреди дека одлуки донесени во негово отсуство ќе бидат бесмислени. Од Брисел посочија дека Киев треба да реши за прашањето на територијалниот интегритет и безбедносните гаранции.
„Јасен исход од состанокот е дека Украина треба да одлучи за прашањето на територијалниот интегритет. Во врска со безбедносните гаранции, украинските сили мора да бидат способни да ја бранат својата земја и секако го поздравуваме тоа што американскиот претседател изјави дека САД ќе учествуваат во таквите безбедносни гаранции“, изјави Аријана Подеста, заменик-главен портпарол на Европската комисија.
Досегашните обиди за ставање крај на војната не беа успешни, иако се активираа и САД. Киев и Москва подоцна одржаа три рунди директни мировни преговори во Истанбул, кои во голема мера беа без пробив, иако се случуваше размена на работници.
Бојана Крстевски
