Регион

Нова бурна и тензична ноќ на улиците во Србија

15.08.2025 12:39

Уште една тензична ноќ на улиците во Србија. Судири со полицијата, крвави глави. Нападнат и опозицискиот пратеник. Во Нови Сад демолирани просториите на српската напредна странка. Има и приведени. Претседател Вучиќ ги обвини демонстрантите дека се непријатели на сопствената земја зашто поттикнуваат насилство...

Раскрвавени глави, солзавец, пиротехника, судири со полицијата – нова бурна и тензична ноќ на улиците во Србија. Во десетици градови се одржаа протести, и на демонстрантите кои се против власта на Вучиќ и на неговите поддржувачи. Во Нови Сад демолирани просториите на Српската напредна странка. Десетици граѓани и полицајци се повредени, има и многу приведени. Нападнат и опозицискиот пратеник Митровиќ.

„Сега е моментот кога сите треба да излеземе и да покажеме дека не сме исплашени и дека нивните обиди да употребат насилство за да ги спречат протестите на луѓето и студентите нема да успеат“, изјави Алекса Петковиќ, жител на Белград.

„Работите ескалираат, не очекуваа толку голем отпор, толку многу енергија во средината на август, што може да биде многу лош показател за нив“, изјави Зоран Лутовац, член на опозициската Демократска партија.

Полицијата околу полноќ успеа да воспостави контрола врз ситуацијата.

„Имаше масовно и сериозно нарушување на јавниот ред и мир низ цела Србија од блокадерите. Нападнати и демолирани просториите, масовно нападната и полицијата, и тоа брутално. Морам да кажам дека не сме виделе толку големи напади врз полицијата со години“, изјави Ивица Дачиќ, српски министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.

Почнаа и апсења – претседател Вучиќ ги обвини демонстрантите дека се непријатели на сопствената земја зашто поттикнуваат насилство. Протестите се одржуваат во повеќе од 30 града во Србија под слоганот „Пукате по шевови“.

 

Катерина Бојаџиева