Цвета Ристовска избрана за заменик-претседател на ДКСК
Десетина кандидатури пристигнати во Собранието за нов претседател на Антикорупциска. Комисијата во изборниот период ќе ја предводи Цвета Ристовска како заменик-претседател...

Цвета Ристовска е новата заменик-претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Иако заменик-претседателка, Ристовска всушност ќе биде на челната позиција на оваа институција, која има клучна улога во следењето на изборниот процес.
Ваквиот развој на настаните доаѓа по оставката на поранешната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска, по покренатите обвиненија за две кривични дела, оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Заменик-претседател на Комисијата за спречување на корупцијата се избира на секои шест месеци од редот на членовите, по пат на ротација и по азбучен ред. Сега на Ристовска и претстои тешка задача, да го води членството кое треба да го мониторира изборниот процес.
Заврши и рокот за пријавување на кандидатите за нов претседател на Комисијата. Од македонското Собрание информираат дека досега се пристигнати 10-тина кандидатури. Конечниот број ќе се знае в понеделник, за кога се очекува да пристигнат и последните пријавени, испратени по поштенски пат. Постапката потоа се стопира и истата ќе продолжи по завршувањето на локалните избори, по 3-ти ноември.
Марија Котовска
