Кривична за директорката во Демир Хисар
Кривична пријава за поранешната директорка на средното училиште во Демир Хисар. Полицијата ја сомничи Лозановска дека ги криела службените печати, поради што, новата директорка не можела да раководи со установата…

МВР поднесе кривична пријава до битолското обвинителство против поранешна директорка на средно училиште во Демир Хисар, Маја Лозановска. Осомничена е дека ги криела службените печати од установата, па новата директорка Јасмина Дамчевска, именувана од градоначалникот, не можела да раководи со школото.
Адвокатот на Лозановска вели дека неговата клиентка нема направено никакво кривично дело. Според него, кривичната пријава претставува невешт обид да се прикријат незаконските дејствија на градоначалникот на Демир Хисар.
По завршувањето на боледувањето, Лозановска се јави на разговор во полиција, а печатите ги предаде на истражните органи. Таа веќе го подигна решението за разрешување, донесено од градоначалникот Никола Најдовски и најави дека ќе го обжали.
Пред една недела, полицијата изврши претрес во домот на Лозановска и во службените простории на училиштето. При акцијата, полицискиот началник инсистираше таа на носилки да биде спроведена на информативен разговор, иако немаше таква наредба од Обвинителство. МВР го оцени тоа како непрофесионално однесување и го разреши од функцијата.
Игор Панов
