Миграцијата- молчалив бунт на системот
Загрижувачки податоци од новата анализа на ХЕРА. Дури 62 проценти од младите, би заминале од државата. Миграцијата стана молчелив бунт на системот. Но, познавачите велат има и други форми за искажување незадоволство. Со иселувањето губат сите, и државата и семејствата. Последици трпи и тој што заминува.

Дури 62 проценти од младите би се иселиле од државата, покажа анализата на „Хера“. Економски ранливи, разочарани од системската негрижа, исцрпени и изолирани, 77 отсто од нив, воопшто не размислуваат за враќање. Голем дел се невработени, не се образуваат, ниту се во процес на обука, што води до депресивни состојби.
Доколку на иселувањето во минатото се гледаше како привремено решение, денес тоа прераснува во стратегија за трајно преживување.
За познавачите, трансгенерациските пораки коишто ги примаме од мали, „секаде е подобро, за разлика од овде“, си го прават своето. Кај младите се јавува недоверба во системот, апатија и повлекување. Не се вклучуваат во граѓанските организации, чувствуваат дека нивните постапки не се препознаени и се фокусираат на преживување.
„Секако она што се гради со текот на годините, не од вчера, колективното чувство на пониженост и бес и го обликува нашиот културен идентитет, кажуваме ова е такво поднебје, Балканот, нас нема да не биде. Сето ова води до појава не бесцелност, анксиозност, чувство на немоќ, фрустрација од општествена неправда и безнадежност. Миграцијата е како молчалив бунт на системската неправедност што ја чувствуваат младите“, вели Александра Милевска, дипломиран психолог и семеен и системски советник.
Но, според психолозите има и други форми на бунт против општествената неправда. Хуморот, сатирата, микроативизмот, вклучување во организациите и политиката. Важно е појаснуваат младиот човек да дефинира, што за него значи „подобро“. Со иселувањето освен државата, губат и семејствата, но последици има и за тој што заминува.
„Загуба е исто така и за оној што заминува оди во нова средина со големи културолошки разлики. Ние овде сме народ кој е навикнат на топли односи, отворени разговори, блиска комуникација, кога се оди во друга средина, начинот на поврзување е сосема поразличен и тука може да се јави носталгија, анксиозност, депресија“, дополни Милевска.
За оние кои пак ќе одлучат да се вратат мора да им се даде поддршка но и простор повторно да се интегрираат.
Елена Георгиевска
