Водата во Охридското Езеро летово со висок квалитет
Во досегашниот тек од летната сезона, квалитетот на езерската вода на капалиштата долж брегот на Охридското Езеро е од прва и втора класа. За да не биде сè како што треба придонесуваат реките кои се влеваат во езерото, кои со себе носат поголеми количини отпаден материјал, а повремено еколошката средина се загадува поради дефекти на пумпите од колекторскиот систем, кои според експертите, најчесто се предизвикани од несовесни граѓани …

Во овие денови кога тропски температури ја зафатија нашата земја за охриѓани и гостите езерските води се идеално место за разладување. Она што е уште поважно е податокот кој доаѓа од охридскиот Центар за јавно здравје дека водата долж крајбрежјето е со висок квалитет, односно во секој поглед безбедна за капачите.
Од мај досега постојано на повеќе од триесет локации од Свети Наум до Радожда се земаат примероци од езерската вода кои го потврдуваат тоа.
„Водата досега, до денес покажа добар квалитет, значи е со одличен квалитет, всушност од прва и од втора класа, погодна за капење, спорт и рекреација. Значи овој период сите оние коишто го користат Охридското Езеро, водите во Охридското Езеро, се капат во чиста и здравствено исправна, безбедна вода за капење“, вели Сашо Точков – Центар за јавно здравје Охрид.
Сепак останува проблемот со црните точки каде што се влеваат реките во езерото, но и дефектите на пумпните станици. Таков инцидент неодамна имаше во месноста Канео поради несовесни лица, при што во истовреме откажаа двете пумпи. Проблемот е саниран, но во меѓувреме во езерото се излеваа отпадни и фекални води.
„Во отпадните води исфрлаат најразличен отпад којшто не е својствен за тие отпадни води. Тоа се од влажни марамчиња, пелени, кофи дури се најдени. Значи најразлични отпадоци коишто ги спречиле пумпите да работат, односно ги оштетиле и заради тоа имавме такви инциденти“, додава Точков.
Точков посочува дека за најголемиот број од инцидентите коишто се случуваат на колекторскиот систем вината ја сносат граѓаните или туристите, поради што апелира во отпадните води да не се одлагаат предмети коишто предизвикуваат дефекти.
Сашо Нелоски
