Средбата меѓу Трамп и Путин заврши без договор, но со заемно разбирање за Украина
Долгоочекуваната историска средба Трамп-Путин не ги постави темелите за крај на конфликтот во Украина. По тричасовните разговори на Аљаска, конкретни детали нема. Во кусите изјави пред камерите, рускиот лидер излезе со став дека постигнале заемно разбирање за Украина. Договор нема, додека не се склучи – дециден американскиот претседател. В понеделник Зеленски патува во Вашингтон. Ден по самитот, низа реакции…

На Аљаска испишано ново поглавје во светската историја. Првата средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот колега Владимир Путин заврши без договор, но со заемно разбирање за Украина. Разговорот, кој траел два и пол часа, двете страни го оценија како продуктивен, но формален договор за прекин на огнот во Украина, не е постигнат. „Постигнавме напредок, но формален договор нема“, изјави Трамп по средбата.
Путин пак, ја обвини Европа дека намерно ја одолговлекува кризата во Украина и побара од Киев да направи сериозни отстапки.
За Украина пак, средбата била поразителна, поради фактот што претседателот Володимир Зеленски не бил дел од неа. „Никој нема право да преговара за иднината на Украина, без Украина“, реагираше Зеленски, додавајќи дека по средбата, телефонски разговарал со Трамп, кој го уверил дека САД остануваат посветени на сојузништвото со Украина. Најави и средба со американскиот колега во Вашингтон, в понеделник.
За дел од експертската јавност, резултатите од средбата меѓу Путин и Трамп се охрабрувачки, но недоволно јасни. „Ова е првиот чекор од потенцијално долго патување“, смета Марк Канчијан од Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Остри критики кон Путин упатени од Чешка. Според шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски, проблем бил, како што рече, рускиот империјализам, а не желбата на Украина да живее слободно.
Марија Котовска
