Свет

Средбата Трамп-Путин без договор за мир во Украина

16.08.2025 17:15

Трамп и Путин не се договорија за мир во Украина. Продуктивен состанок во конструктивна атмосфера – оценија лидерите на САД и Русија. Зеленски в понеделник патува во Вашингтон. Европа бара трилатерална средба …

Првата средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот колега Владимир Путин заврши без договор, но со заемно разбирање. Разговорот, кој траел два и пол часа, двете страни го оценија како продуктивен, но договор за прекин на огнот, не е постигнат. Постигнавме напредок за многу прашања, но формален договор нема, изјави Трамп по средбата.

„Ќе се обидеме да го затвориме ова прашање. Постигнавме навистина голем напредок. Со претседателот Владимир Путин отсекогаш имаме одличен однос. Денеска имавме многу продуктивен состанок и се согласивме на многу теми, додека отворени остануваат помал број на не многу значајни прашања“, изјави претседателот Трамп.

Доколку Трамп беше претседател во 2022-ра година, војната немаше ни да почне, истакна Путин, додавајќи дека се обидел да го предупреди поранешниот американски претседател Џозеф Бајден да не се дозволи ескалација во форма на воени дејствија.

„Претседателот Трамп рече дека ако тој беше претседател, немаше да има војна. И јас се согласувам и го потврдувам тоа. Затоа што со него имаме воспоставено доверба и цврст и практичен однос. И искрено верувам дека движејќи се по овој пат, може да ја ставиме крај на конфликтот во Украина, што побрзо, толку подобро“, нагласи претседателот Путин.

За Украина пак, средбата била поразителна, поради фактот што претседателот Володимир Зеленски не бил дел од неа. Никој нема право да преговара за иднината на Украина, без Украина, реагираше Зеленски, додавајќи дека по средбата, телефонски разговарал со Трамп, кој го уверил дека остануваат посветени на сојузништвото со Киев. Зеленски во понеделник ќе се сретне со Трамп во Вашингтон. Ќе го советувам украинскиот претседател да направи договор со Русија, информира Трамп по средбата со Путин.

Украинците пак, незадоволни од средбата на Трамп со Путин:

„Многу сум изненадена од тоа што Трамп, како лидер на светска сила која се обидува да го одржи мирот во светот, се среќава со светски терорист. Но, резултати нема и не знам дали ќе има.“

„Се надевав дека САД нема да му постелат црвен килим на непријателот. Не разбирам како може еден тиранин кој и сака само зло на Украина, да биде добредојден.“

За Русите пак, средбата е позитивен момент:

„Работите не зависат од Украина, бидејќи ние сме победници и мора да ги диктираме условите. Но, фактот што Путин и Трамп почнаа да се среќаваат, е позитивен.“

„Средбата е охрабрувачка, за идна соработка и конструктивни односи. Добро е тоа што се движиме во вистинска насока.“

Благодарност до Трамп за неговите напори да ги запре убиствата во Украина, да ја прекине агресивната војна на Русија и да постигне праведен и траен мир, се вели во заедничката изјава на европските лидери, кои предлагаат да се одржи и трилатерална средба, во која ќе биде вклучен и Зеленски. Русија не смее да става вето на украинскиот пат кон Европската унија и НАТО, се вели во изјавата.

Марија Котовска