Македонија

Сезоната трае, сè уште редици на граничните премини

17.08.2025 13:58

Туристичката сезона сè уште трае. Со неа и редиците на граничните премини. Но, за разлика од претходните седмици, метежот се зголемува за излез од државата. Значаен број граѓани ги искористија слободните денови, и се враќаат во своите држави...

Летните одмори сè уште траат, а со нив и редиците на граничните премини. На граничниот премин „Табановце“ на македонско-српската граница секојдневно сè уште голем проток на патници. Но, за разлика од изминатите седмици, сега расте метежот на излегување од државата. Викендов според статистиката на Министерството за внатрешни работи до утринава до осум часот, влез оствариле над 6.800 македонски државјани, а од Македонија заминале над 17.000 лица. Од странците, пак, влегле 39.000 лица, а државата ја напуштиле 62.000.

Граѓаните за Македонската телевизија истакнаа дека не се чека долго, по само десетина минути, што е вообичаено, велат, за време на туристичката сезона. Дел од нив доаѓаат во државата, но поголем е бројот на оние кои транзитираат и заминуваат на плажите кон соседна Грција.

Од полицијата информираат преземени се сите мерки и во функција се ставени човечки и технички капацитети, за да се забрза протокот на патници. Задолжителна останува граничната проверка, односно една контрола која од неодамна започна да функционира со соседна Србија. На „Табановце“ за влез во државата функционираат дури шест ленти за патнички возила, како и две за автобуси.

Поради метежот, но и високите температури полицијата паралелно изминатиот период реализираше и активности и кампањи. Ги потсети возачите на важноста да се води одморен, да прават паузи и внесуваат течности, за крајната цел-безбедно да стигнат до саканата дестинација.

Елена Георгиевска