Сè уште неизвесен настапот на независните на локалните избори
Откако вчера Собранието не ги изгласа корекциите на Изборниот законик, остана правната празнина за настап на независните на претстојните избори. Дел од нив велат дека е доцна да се бара законско решение, но експертите очекуваат неизвесноста да ја реши ДИК …

Откако пропадна и вториот обид да се донесат измените во Изборниот законик за да се регулира законски начинот на учество на независните на локалните избори, се чека ДИК да пресече. Граѓанските здруженија оценуваат-ова е само задоцнет обид на законодавниот дом да воспостави праг кој само би значел ускратување на нивното право.
Оние пак невладини кои се решија да формираат политичка партија и собираат 1.000 потписи, велат народните избраници одлучуваат во име на независните кандидати без да ги земат предвид нивните барања.
Од СДСМ жалат што се пропуштила шансата да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите.
За политичкиот аналитичар Арсовски, топката е во рацете на ДИК, којшто треба да донесе упатство со прецизирање на начинот на кој ќе се поднесуваат независните листи од група избирачи. Според него ДИК има право да го потврди субјективитетот и пасивната легитимација на листите за градоначалници и советници.
Претседателот на ДИК, неодамна за медиумите изјави дека на денот на распишување на избори, на јавна седница многу прецизно и недвосмислено ја информиравме јавноста дека група избирачи ќе можат да учествуваат на изборите со поднесување на свои листи без собирање на потписи.
Во Собранието, предлогот на владејачкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Коалицијата Вреди доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против, иако во целина, законот ја доби поддршката на 67 пратеници.
Игор Панов
