Македонија

Битка со огнената стихија, критично кај „Јасен“

17.08.2025 16:26

Продолжува битка со пожарот кај „Јасен“. Огнените јазици веќе неколку дена голтаат шума, се гасне од небо и од земја...

Продолжува битка со пожарот кај „Јасен“. Огнените јазици веќе неколку дена голтаат шума, се гасне од небо и од земја. Се користат ер тракторите, ангажирани се специјалците. По драматичната битка со огнената стихија во текот на ноќта, не дозволивме пожарот да го премине шумскиот пат кон селото Брезница, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Благодарение на интервенцијата, воспоставена е контрола врз еден од трите краци на пожарот, вели директорот на ДСЗ, Стојанче Ангелов.

Во Македонија секојдневно гори на повеќе локации. Ангелов информира дека активни се десетина пожари. За голем дел од пожарите годинава, беше констатирано дека се подметнати. Раководството на „Македонски шуми“, вината за ваквата состојба, меѓу другото, ја лоцира и во судскиот систем. Велат, казните за пироманите мора да бидат поостри.

Освен за пироманите, од „Македонски шуми“ бараат и построги санкции за дрвокрадците. Велат, залудно е да се фатат и стотици пиромани и дрвокрадци, кога потоа во судска постапка, добиваат мали парични или условни казни.

Марија Котовска