На независните кандидати ќе им бидат потребни само два потписа од избирачи за учество на локалните избори
Според правилникот кој го усвои ДИК, собирањето на потписи започнува десетиот ден од распишувањето на изборите и трае петнаесет дена. Ќе важи само за овие избори.

Со само два потписа, од двајца избирачи, независните кандидати ќе може да влезат во трката на претстојните локални избори. Ваквата одлука ја донесе Државната изборна комисија по неуспешниот обид на народните избраници да ги изгласаат измените на Изборниот законик. Според правилникот кој го усвои ДИК, собирањето на потписи започнува десетиот ден од распишувањето на изборите и трае петнаесет дена. Ќе важи само за овие избори.
Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи членот 63 од Изборниот законик кој како што рече не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62 кој се однесува на локалните избори Уставниот суд го укина.
Врз основа на член 63 став 3 собирањето потписи во постапката на кандидирање согласно одредбите на Изборниот законик почнуваат 10 дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за личен идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на пропишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи, рече Дашевски образложувајќи одредби од новиот Правилник, откако стариот беше ставен вон сила бидејќи Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко истакна дека има спротивно мислење од Даштевски од процедурално правен карактер, но оти сепак тој и неговиот колега Оливер Ристовски ќе гласаат за правилникот. Изборите се распишани, изборните дејства се во тек, додаде и ДИК нема право и можност да ги одложи или сопре изборните дејства. Во оваа состојба додаде претседателот на Комисијата, ДИК се нашла не по своја вина.
