Култура

Долги аплаузи и овации за синоќешната претстава на Охридско лето

18.08.2025 10:55

Копродукцискиот проект меѓу НУ Драмски театар Скопје, Белградски драмски театар, Градски театар Љубљана и ЈУ „Град театар“ од Будва ја воодушеви публиката во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ која ги награди одличните актери до долги аплаузи и стоечки овации.

Синоќа во рамките на драмската програма на „Охридско лето“ се одигра македонската премиера на театарската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ од Душан Јовановиќ а во режија на Иван Пеновиќ.

Копродукцискиот проект меѓу НУ Драмски театар Скопје, Белградски драмски театар, Градски театар Љубљана и ЈУ „Град театар“ од Будва ја воодушеви публиката во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ која ги награди одличните актери до долги аплаузи и стоечки овации.

Актерите Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов, Марко Гверо, Вукашин Јовановиќ, Соња Стамболџиоска, Нејц Језерник, Јулита Кропец и Лазар Николиќ, секој зборувајќи на својот мајчин јазик, создадоа возбудлива и духовита енергија која предизвика искрена реакција кај публиката.

По текстот на култниот Душан Јовановиќ, оваа комедија со длабока општествена рефлексија прикажа свет во кој хедонизмот, суетата и еротиката се бегство од празнината што демне под површината.

Режисерот Иван Пеновиќ го врати на сцената духот на сексуалната револуција, младешкиот бунт и бесцелната потрага по среќа.

Претходно претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ имаше успешната премиера и три изведби на 39. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва.