Македонија

Здружението на инженери поднесе иницијатива до Уставниот суд против паушалните сметки за струја

18.08.2025 12:16

Иако Законот за енергетика од 29-ти мај 2025-та година наложува фактурите да се издаваат исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото, инженерите велат дека ЕВН во своите фактури користи и процена на потрошувачката.

Здружението на инженери поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на членот 31 од правилата за снабдување со електрична енергија и за преиспитување на делови од член 185 од новиот Закон за енергетика.

Иако Законот за енергетика од 29-ти мај 2025-та година наложува фактурите да се издаваат исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото, инженерите велат дека ЕВН во своите фактури користи и процена на потрошувачката.

Според здружението, оваа пракса е спротивна на Законот и создава правна несигурност. Тие предупредуваат дека граѓаните може неправедно да бидат исклучени од мрежата како должници поради неправилно пресметана потрошувачка.

„Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање“, се наведува во образложението на Иницијативата.

Со поднесувањето на иницијативата, ИНРМ се надева дека Уставниот суд ќе стави крај на оваа пракса на ЕВН.