Масовни протести и апсења во Тел Авив
Протести и апсења на улиците во Тел Авив. Демонстрантите ги осудија одлуките на израелскиот премиер за продолжување на војната, давајќи поддршка на семејствата на заложниците во Газа. Нетанјаху негодува-вели протестите ја зајакнуваат позицијата на Хамас. Хуманитарната ситуација станува сè полоша…

Масовни протести во Израел. Десетици илјади луѓе се собраа на улиците на Тел Авив, давајќи поддршка на семејствата на заложниците. Ги осудија одлуките на премиерот Нетанјаху за нова воена офанзива во најнаселените области во Газа. Полицијата соопшти дека имало и апсења.
„Уморни сме од војна, уморни сме од напуштање, уморни сме од жртвување. Бараме еден сеопфатен договор за враќање на 50-те заложници дома“, изјави Јаел Адар, мајка на заложник во Газа.
„Го бараме она што го заслужуваме – нашите деца! Израелската влада никогаш не презеде вистинска иницијатива за сеопфатен договор за завршување на војната. Ако Нетанјаху сака договор, тогаш треба да стави на маса сеопфатен и применлив план, во спротивно само нè лаже“, рече Еинав Зангаукер, мајка на заложник во Газа.
„Стојам тука не само како родител, туку и како застапник на 50-те заложници кои немаат глас 22 месеци за да кажат едно јасно: Доста е!“-нагласи Руби Чен, татко на убиен заложник.
Според Нетанјаху, протестите за прекин на војната во Газа ја зајакнуваат позицијата на Хамас. И покрај силниот внатрешен и меѓународен притисок, најави проширување на воените операции.
„Оние кои повикуваат на прекин на војната без пораз на Хамас не само што ја зајакнуваат нивната позицијата и го одложуваат ослободувањето на нашите заложници, туку и гарантираат дека ужасите од 7 октомври ќе се повторат и ќе мора да водиме бесконечна војна. За да го забрзаме ослободувањето на нашите заложници и за да осигуриме дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, мора да ја завршиме задачата и да го поразиме Хамас. Решени сме да ја спроведеме одлуката“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Хуманитарната ситуација пак, станува се полоша. Обединетите нации предупредија на широка ненахранетост во Газа, а експерти изјавија дека се остварува „најлошото сценарио“ со глад. Израел, тврди дека нема ограничувања за доставата на помош и ги обвинува ОН и другите организации за неуспешна дистрибуција.
Катерина Бојаџиева
