Струга ќе пулсира во знакот на поезијата
Поетска Струга годинава ќе биде домаќин на 70 еминентни поети од земјава и странство. Најстарата поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ ќе се одржи од 21-ви до 25-ти август …

Се е подготвен за 64-то издание на најстарата поетска манифестација во земјава. „Струшките вечери на поезијата“ годинава ќе се одржат од 21-ви до 25-ти август. На светската поетска сцена учество ќе земат рекордни 70 еминентни поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници.
Фокусот на овогодинашното издание ќе биде глаголицата како една симболична врска, како мост којшто обединува низ вековите.
„Тоа значи дека годинава самата манифестација ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи истата како таква се појавува уште со почетоците на самата писменост. Тоа значи дека и литературата, и јазикот, и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, меѓутоа нивните рефлексии и повици ги слушаме и денес“, истакна Никола Кукунеш директор на „Струшки вечери на поезијата“.
На овогодишнешноти издание на фестивалот ќе бидат објавени повеќе значајни публикации.
„Како дел од издавачката програма е фестивалската антологија „Кој е кој – поезија од пет континенти“, која го содржи поетското творештво на учесниците на ова издание на манифестацијата. „Меѓу публикациите кои редовно се дел од издавачката програма се и изданијата, кои се реализираат како дел од платформата „Версополис“, на која основачи се СВП заедно со уште 10 други поетски фестивали“, истакна уметничкиот директор Мите Стефоски.
Дел од програмата ќе биде во Охрид, поетски читања на Светиклиментовиот плоштад и манастирот „Свети Наум“, а поетското матине во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“.
Соња Рилковска
