Огнена стихија

Продолжува битката со пожарот кај ловиштето Јасен

18.08.2025 18:13

Продолжува битката со пожарот кај ловиштето Јасен. Пожарникари, војска, волонтери во обид да го стават под контрола. Неизвесна е состојбата и со огнената стихија кај Студеничани и Липково. Гори на осум локации во земјава. Досега приведени се 40 граѓани, поднесени над 20 кривични пријави за подметнување на пожари...

Драматична била минатата ноќ за пожарникарите, војската и волонтерите, за да го спречат пламенот во јасен да стигне до селото Брезница. Сè уште се води битка со огнената стихија.

Гори на неколку локации во земјава. Неизвесна и состојбата со огнените јазици на Студеничани и Липково. Од 1-ви април до денеска во врска со пожарите на отворен простор приведени се околу 40 граѓани а по преземени мерки поднесени се 25 кривични пријави велат од Министерството за внатрешни работи. Информираа и дека од 1-ви до 30-ти јули откако е воведена забрана за движење во шуми, без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 22 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по закон за шуми.

Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.

Состојбата со пожарите постојано се менува но надлежните сметаат дека за пожарите над 90% е виновен човечкиот фактор. Тие постојано апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да не палат оган на отворен простор и доколку видат сомнително лице да пријават.

Ана Јосифоска