САД

Трамп-Зеленски и ЕУ лидерите на средба за Украина

18.08.2025 20:08

Во Вашингтон средба Трамп-Зеленски и лидерите на Европската унија. По тет-а-тет разговорите околу решенија за крај на конфликтот и можни отстапки на територии, нов обид да се постигне конечен мир. Според дипломатските кругови во обид да се ублажат евентуални вербални напади на американскиот лидер на сметка на украинскиот претседател. Денес е голем ден, порача Трам пред средбата …

Европските лидери пристигнаа во Белата куќа по повод билатералниот состанок меѓу американскиот и украинскиот претседател Трамп и Зеленски. Според најавите, на состанокот треба да присуствува и првиот човек на Франција – Макрон, германскиот канцелар Мерц, премиерката на Италија Мелони, претседателот на Финска – Стаб, генералниот секретар на НАТО Руте и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен.

Зеленски прво на тет-а-тет средба со Трамп за да ги слушне условите за мировен договор, дискутирани на самитот со Путин во Алјаска, а потоа на маса седнуваат и клучните европски лидери. Во пресрет на состанокот, Трамп со јасна порака-Зеленски мора да се откаже од Крим и никогаш да не се приклучи на НАТО, ако сака да ја заврши војната.

„Украинскиот претседател Зеленски може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака, или може да продолжи да се бори. Сетете се како започна. Нема враќање на Крим даден од Обама (пред 12 години, без да се испука ниту еден куршум!), и НЕМА ВЛЕГУВАЊЕ НА УКРАИНА ВО НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат!!!“, објави американскиот претседател, Трамп.

Додека САД се фокусираат на територијалните отстапки што ги бара Русија, Киев во обид да обезбеди појасни гаранции за безбедност. Зеленски очекува заедничката сила на сојузниците да ја принуди Русија да склучи вистински мир.

„Уверен сум дека ќе ја браниме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме безбедноста и дека нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер и сојузник за нивната поддршка и непроценлива помош. Русија мора да ја заврши оваа војна, која самата ја започна. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели ќе ја принуди Русија на вистински мир“, објави украинскиот претседател Зеленски.

Пратеникот на Трамп, пак, сигнализира напредок. Вели дека Путин е согласен да им дозволи на САД и нивните европски сојузници да му понудат на Киев безбедносна гаранција слична на мандатот за колективна одбрана на НАТО.

„САД се потенцијално подготвени да можат да дадат безбедносни гаранции според членот пет, но не од НАТО. Директно од САД и други европски земји, а тоа е навистина големо“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на Белата куќа.

Пред средбата со Трамп европските челници изјавија дека ќе се спротивстават на секој план за размена на територии кој би ја наградил руската агресија.

„Украина мора да биде способна да го одржува својот суверенитет и територијален интегритет. Не може да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со други трети земји или помош од други трети земји“, изјави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Нашата цел е да претставиме обединет фронт меѓу Европејците и Украинците во овој критичен момент на решавање на конфликтот – со повторно потврдување кој стои на страната на мирот, кој на страната на меѓународното право и, пред сè, како можеме колективно да обезбедиме почитување на меѓународниот поредок и заштита на безбедноста на сите“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Состанокот во Алјаска јасно стави до знаење дека за праведен и траен мир, Москва конечно мора да преземе акција. Додека тоа не се случи, притисокот врз Русија мора да се зголеми, вклучително и преку зголемена помош за Украина“, изјави Јохан Вадефул, германски министер за надворешни работи.

Наспорти дипломатските обиди за напредок во мировните преговори, на украинскиот фронт борбите продолжија.

Анита Димтријевска-Велковска