Чекор кон мир?

Трамп иницира трилатерална средба со Путин и Зеленски

19.08.2025 12:31

Претседателот на САД, Трамп по самитот за Украина во Белата куќа подготвува средба меѓу Зеленски и Путин. Според германскиот канцелар Мерц, се очекува двајцата шефови на држави да се сретнат во следните две недели…

Средбата во Белата куќа меѓу Трамп и Зеленски заедно со европските лидери и генералниот секретар на НАТО ги отвори вратите за трилатерален состанок за ставање крај на конфликтот во Украина. Трамп потврди дека ќе даде безбедносни гаранции за Киев и најави тет-а-тет средба Путин-Зеленски, но и состанок со негово учество.

„Веќе работиме на организирање средба. Ако помине добро, следниот состанок ќе биде меѓу Путин, Трамп и Зеленски каде што се надеваме ќе финализираме договор. Фактот што сега разговараат едни со други, не се случуваше три и пол години“, изјави Марко Рубио • државен секретар на САД.

Телефонскиот разговор Трамп-Путин го потврдија и од Кремљ. Зеленски подготвен за разговори со рускиот колега.

„Подготвени сме за какви било формати на ниво на лидери, бидејќи само така можеме да ги решиме сите комплицирани и болни прашања. Прашањето за териториите ќе го оставиме меѓу мене и Путин“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Ќе биде потребно да се проучи можноста за подигнување на нивото на претставниците на украинската и руската страна“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.

Европските лидери задоволни по средбата во Белата куќа. Велат-посветеноста на САД кон безбедноста на Украина го гарантира клучниот исход од разговорите во Вашингтон.

„Се согласивме за неколку важни точки. Првата и најважна е посветеноста на САД за понатамошен развој на безбедносните планови“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Коалицијата на подготвените сега ќе соработува со САД за координирање на тие гаранции. Веќе ги ангажиравме нашите тимови. Тоа е навистина важно за безбедноста во Украина, во Европа и за безбедноста во Обединетото Кралство“, вели Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Она што го дискутираме не е членство во НАТО, туку безбедносни гаранции од типот Член 5 за Украина. Што точно ќе подразбираат, ќе биде дискутирано во наредните денови. Јасно е дека за Украина да размисли што да прави следно кога станува збор за територија, важно е да се знае и каква ќе биде ситуацијата со безбедносните гаранции“, нагласи Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Трилатералниот состанок меѓу Русија, Украина и САД го оценија како историски чекор. Но сè уште велат, постојат разлики во ставовите меѓу Европа и Русија за потребата од прекин на огнот.

„Вистински преговори можат да се одржат само на самит на кој учествува и самата Украина. Таков самит е замислив само ако оружјето замолчи. Дали рускиот претседател ќе има храброст да присуствува на таков самит, не знаеме. Затоа, е потребно убедување“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Европските сојузници потврдија дека не се разговарало за руското барање Киев да отстапи дел од териториите, нагласувајќи дека тоа е одлука што Украина ќе ја донесе самостојно во преговорите.

Бојана Крстевски