Регион

Нови инциденти на антивладиниот протест во Србија

19.08.2025 13:00

Нови инциденти на протестите во Србија. Солзавец и димни бомби во Белград. Демонстрантите се судрија со полицијата додека ги уништуваа канцелариите на владејачката српска напредна странка. Претседателот Вучиќ најави побрза и посилна акција на државата и гонење на демонстрантите.Уапсени се неколку лица...

Солзавец, димни бомби и апсења во Белград. Нови инциденти на антивладиниот протест во Србија. Иако почна мирно, ситуацијата ескалираше кога група млади лица, се одвои од толпата и почна да ги каменува просториите на владејачката партија во главниот град. Полицијата со оклопни возила ги растера демонстрантите.

„Денот на победата се ближи и владата ќе мора да прифати не само избори, туку и да се помири со фактот дека ова општество се крена и луѓето се спротивставуваат на овој систем. Не можеме да продолжиме вака понатаму“, изјави, Тихомир Станиќ, српски актер и уметник.

„Тука сум за да ги поддржам студентите, но и да го изразам незадоволството од моменталната состојба во земјата со бруталната реакција на полицијата во изминатите неколку дена, што само докажа дека живееме во земја без устав и без закони“, изјави Ненад Арсенијевиќ, локален жител.

Српскиот претседател Вучиќ се појави пред демолираните простории, каде од искршените прозорци се здоби со исекотина. Оттаму, го повтори и ветувањето за планираната голема акција против демонстрантите.

„Ова покажува со какви бандити и насилни луѓе си имаме работа. Луѓе кои не знаат што да прават со своите животи. Беа во мал број тука вечерва, не повеќе од 2.300 луѓе. Ние нема да се повлечеме, нема да избегаме. Ќе одиме на секое место ќе го кренеме нашиот отпор на секое место“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

„Досега се уапсени 5 лица. Сите што извршиле кривични дела, акти на насилство ќе бидат санкционирани и предадени на обвинителите за понатамошна постапка. Процесот на идентификување на сите вклучени лица е започнат, сите што покажаа невидена агресија, бруталност и хулиганство. Повторно повикувам на мир. Државата е посилна од сите што повикуваат на насилство“, изјави Ивица Дачиќ, министер за полиција на Србија.

Денеска се очекува да се одржи седница на Советот за национална безбедност на Србија со која ќе претседава Вучиќ. Седницата доаѓа по ескалацијата на протестите кои траат од ноември, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица.

 

Катерина Бојаџиева