Одржана итната седница на Советот за национална безбедност на Србија
Одржана итната седница на Советот за национална безбедност на Србија со која претседаваше Вучиќ. По нејзиното завршување немаше обраќање до јавноста...

Вучиќ ја одржа итната седница на Советот за национална безбедност на Србија, која доаѓа по тензичните протести низ државата. По нејзиното завршување немаше обраќање до јавноста. Нови маршови и денеска.
Студенти и граѓани ја блокираа зградата на судот во Нови Сад поради, како што наведуваат, неосновани апсења. Во меѓувреме и во Белград организиран антивладин протест.
„Не се откажуваме, ќе се бориме за безбедноста на секој маж и жена во оваа земја. Ако не го кренеме гласот и не направиме ништо, мислам дека сите ќе мора да ја напуштиме оваа земја, бидејќи сето ова ги премина сите граници на нормалноста“, изјави Николина Синѓелиќ, студентка.
Солзавец, димни бомби и апсења-беше вчерашната слика во Белград. Иако протестот почна мирно, ситуацијата ескалираше кога група млади лица, се одвои од толпата и почна да ги каменува просториите на владејачката партија во главниот град. Полицијата со оклопни возила ги растера демонстрантите.
„Денот на победата се ближи и владата ќе мора да прифати не само избори, туку и да се помири со фактот дека ова општество се крена и луѓето се спротивставуваат на овој систем. Не можеме да продолжиме вака понатаму“, изјави Тихомир Станиќ, српски актер и уметник.
„Тука сум за да ги поддржам студентите, но и да го изразам незадоволството од моменталната состојба во земјата со бруталната реакција на полицијата во изминатите неколку дена, што само докажа дека живееме во земја без устав и без закони“, изјави Ненад Арсенијевиќ, локален жител.
Српскиот претседател Вучиќ се појави пред демолираните простории, каде од искршените прозорци се здоби со исекотина. Оттаму, го повтори и ветувањето за планираната голема акција против демонстрантите.
„Ова покажува со какви бандити и насилни луѓе си имаме работа. Луѓе кои не знаат што да прават со своите животи. Беа во мал број тука вечерва, не повеќе од 2.300 луѓе. Ние нема да се повлечеме, нема да избегаме. Ќе одиме на секое место и ќе го кренеме нашиот отпор на секое место“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Протестите во Србија траат од ноември, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица.
Катерина Бојаџиева
