Се проширува листата на лекови кои се на товар на ФЗОМ
Со новата одлука вкупно 142 лека ќе им бидат достапни на осигурениците...

ФЗОМ воведува новини во сферата на лековите. Од 1 септември се проширува листата на лекови на рецепт на товар на фондот.
Со новата одлука вкупно 142 лека ќе им бидат достапни на осигурениците. Втората новина предвидува дежурни аптеки да има само во градовите кои имаат повеќе од 50 000 жители, а во помалите, аптеките ќе функционираат на повик. Последната новина предвидува фондот да им ги рефундира парите на осигурениците за сите лекови купени во странство.
„Тие 50 генерики автоматски претставуваат дури 142 лека со заштитено име, кои нашиот осигуреник може навечер да ги добие, препишани од дежурните служби и да ги подигне од дежурните аптеки. Од први септември па понатаму единаесетте најголеми градови ќе имаат постојано аптека на располагање во вечерните, односно ноќните часови за потребите на пациентите, а во останатите градови, исто така ќе има дежурства, меѓутоа не со отворена аптека туку со аптека на повик“, рече директорката на Фондот на здравествено осигурување Маја Паранарџиева Змејкова.
