Одложени рочишта во Кривичниот суд поради неспроведување на притвореници
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во изјава за МТВ вели дека е запознаен со проблемот во затворот во Скопје и се работи на решавање на вработувањата, зашто е распишан оглас за 30 до 40 затворски полицајци.

Изминатите два дена, во Кривичниот суд се одложија речиси сите притворски предмети кои уредно беа срочени, со навремена достава на покани за странките, само заради тоа што притворените лица не беа спроведени од КПУ Затвор Скопје – соопштија од скопскиот Кривичен суд. Посочуваат дека загрижува фактот што меѓу одложените расправи се и предмети од Одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 – тина обвинети, од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затвор Скопје и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.
„Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата која е наменета токму за обезбедување на присуство на обвинетите лица во судските постапки, но ниту според домашното законодавство, а ниту ни според Европската конвенција за човекови права не смее да се претвори во казна. Но, во овој случај, за жал се одолговлекуваат постапките не по вина на ниту еден од учесниците на истата“, велат од Кривичниот суд.
Заради тоа, судот се обрати до управата на затворот со барање за итно преземање на неопходни мерки со кои овие случаи нема да се повторат.
Од затворската управа во неколку наврати го информирале судот дека на 18 август според планот требало да спроведат 12 лица, од кои 10 се однесени до судовите. На 19 август, од 19 лица, биле спроведени 16. Тоа го правдаат со недоволен број на возила за транспорт и намален број на персонал на затворската полиција.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во изјава за МТВ вели дека е запознаен со проблемот во затворот во Скопје и се работи на решавање на вработувањата, зашто е распишан оглас за 30 до 40 затворски полицајци. Што се однесува до возилата за транспорт од затворот, треба да побараат тоа прашање да го решат со владината Служба за општи и заеднички работи, вели Пандов.
Овој проблем како што велат надлежните, и во затворот и во управата е особено изразен за време на летото, кога и затворската полиција која е во намален број, користи годишни одмори.
Игор Панов
